Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на комеморацијата по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржa во Офицерскиот дом во Битола.
Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска истакна дека на 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3 350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.
„И денеска, ќе бидеме дел од Поворката на живите, минувајќи го молкум патот што го врвеа оние што не се вратија. На пругата ќе оставиме каменчиња како симбол на вечно паметење и молитва за почит кон оние што неповратно беа одведени. Зашто драгите луѓе никогаш не ги погребуваме, нив ги испраќаме. Нека им е вечен споменот“, рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка.
„Денеска не им судиме на злосторниците и на нивните слуги“, рече министерката за култура, „денеска го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори. Споменот за направеното злосторство е најголемиот кошмар за злосторниците и за нивните поколенија.“
„Ќе му оддадемe почит на доктор Хаим Абраванел, првиот лекар специјалист кој Битола го памети како врвен професионалец и голем човек, човек кој го подигна Здравствениот дом во Битола. Денеска ќе ѝ оддадеме почит и на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара. Загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор. Прогласена е за народен херој. Естреја била една од стотиците македонски Евреи кои им се приклучиле на партизанските одреди“, рече Костадиновска-Стојчевска.
„И покрај сите материјални сведоштва“, додаде Костадиновска-Стојчевска, „некои и по 8 децении го негираат Холокаустот, затоа ним и денеска, од антифашистичка Битола, ќе им порачаме – Никогаш повеќе!“
По завршувањето на комеморативната програма, беше положено цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот од Битола – Здравствен дом „Хаим Абраванел“, од каде што тргна и Поворката на живите, сѐ до Железничката станица, по истиот пат од каде беа депортирани битолските Евреи.