Девојче која било киднапирано од трговски центар во американската сојузна држава Вашингтон во 2018 година, е пронајдено живо и здраво во Мексико, соопшти ФБИ.
Аранза Марија Очоа Лопез имала четири години кога последен пат била видена за време на надгледувана средба со нејзината биолошка мајка во трговски центар во градот Ванкувер, пишува Independent.
Нејзината мајка беше уапсена во 2019 година во Пуебла, Мексико, но девојчето беше пронајдено дури во февруари оваа година. Официјални лица потврдија дека девојчето, кое сега има осум години, било пронајдено во Мичоакан, Мексико и вратено во САД.
„Повеќе од четири години, ФБИ и нашите партнери не се откажуваат од Аранза“, рече Ричард А Колоди, специјален агент задолжен за теренската канцеларија на ФБИ во Сиетл.
„Нашата грижа сега ќе биде да ја поддржиме Аранза додека таа ја започнува својата реинтеграција во САД“, додаде тој.
Есмералда Лопез, мајката на исчезнатото девојче, се изјасни за виновна во јануари 2021 година во Врховниот суд на округот Кларк за киднапирање и грабеж од втор степен и мешање во старателството од прв степен.
Таа е осудена на 20 месеци затвор, пренесува The Columbian.
Девојчето било под старателство на државата откако во 2017 година било сместено во згрижувачко семејство по поплаки дека нејзината мајка ја малтретирала. На мајката ѝ било дозволено да ја гледа својата ќерка двапати неделно. За време на една средба, таа побарала да ја однесе нејзината ќерка во тоалет, но всушност ја однела до автомобил управуван од соучесник.