Со СДСМ и претседателот Димитар Ковачевски Република Северна Македонија се потврдува како фактор на стабилност во регионот, соопштија утрово од владеачката партија.
Од партијата истакнуваат дека сите прашања со соседите ги имаме решено.
-Со тоа цврсто штитејќи ги и зајакнувајќи ги националните интереси и државните позиции.
Признание и потврда дека Македонија е почитувана и вреднувана од страна на САД и Европската Унија е што постигнувањето на договорот за анексот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија се случи токму во Охрид.
Од држава, која во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше скарана со соседите, заборавена и изолирана од меѓународната заедница, Македонија сега претставува фактор на стабилност на Балканот, стои во соопштението од СДСМ.
Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на Европската унија, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, како дел од новата рунда дијалог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, заврши во саботата во Охрид по речиси 12 часа.
Борел во саботата навечер во Охрид, по средбата со Вучиќ и Курти, изјави дека двете страни конечно постигнале договор за тоа како да се спроведе договорот што Србија и Косово го постигнаа на 27 февруари во Брисел.