Од денеска ќе јадеме ориз и јајца од кокошка по замрзнати цени

од Nikola Popovski
258 прегледи

Владата ги „замрзна“ цените на оризот и јајцата од кокошка и ги задолжи производителите на јајца да продаваат 70 отсто на македонскиот пазар. Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски, на вчерашната прес-конференција, наведувајќи дека цените на јајцата се ограничени на нивото од 15-ти март и дека овие „замрзнати“ цени ќе важат до 30 април.

Тој посочи дека трговците имаат обврска редовно да набавуваат и продаваат јајца во количини што ги набавиле во јануари и февруари годинава.

Ковачевски рече дека во изминатиот период е утврдено значително зголемување на цените на оризот и јајцата како резултат на движењето на извозот и увозот на тие производи и истакна дека јајцата во Северна Македонија се најевтини во регионот.

„Поради оваа причина, пред претстојните Велигденски и Бајрамски празници, за да спречиме можна нерамнотежа и недостиг на пилешки јајца, ги задолживме производителите да продаваат најмалку 70 отсто од производството на домашниот пазар, а трговците да продолжат да ги откупуваат вообичаените количини кои ги купувале во јануари и февруари“, истакна Ковачевски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши објасни дека просечната цена на јајцата на 15-ти март била 8,5 денари и дека сега најскапите може да се искачат и до 9,8 денари во зависност од големината и пакувањето.

Претходно со одлукa на Владата, од 16-ти март до 31-ви мај, „замрзнати“ ќе бидат цените на дел од млечните производи, на ниво за 15, односно за 10 отсто пониски од 1-ви март, а од почетокот на овој месец цената на белиот и полубелиот леб е ограничена на 33 денари.

Владините проценки се дека годинава трошоците за живот ќе се зголемат за 7,1 отсто.

Слични содржини