ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш потврди дека и на државно и на локално ниво е деструктивна партија, обвинија од СДСМ откако Советот на Град Скопје не го усвои отстапувањето на Универзална сала.
Според владеачката партија, со одбивањето на предлогот на советничката група на СДСМ реконструкцијата на Универзална сала да ја преземе Владата, од ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека дневната политика им е пред Скопје, пред граѓаните, пред културата.
-Една и пол година Универзална сала стои нереконструирана иако пари за овој проект има, но поради лични хирови на Данела Арсовска и инаетот на ВМРО-ДПМНЕ овој објект симбол на Скопје скапува и од ден на ден е во се полоша состојба.
Срамно, скандалозно и недозволиво е однесувањето на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ и кон овој објект, но и кон Град Скопје и кон граѓаните, порачаа од СДСМ.
Иницијативата, што беше поднесена од страна на коалицијата предводена од советничката група на СДСМ, не беше прифатена откако за неа гласаа само 15 советници од Советот на Град Скопје.