Не се наоѓаме за првпат во драстично спротивставени позиции на власта и опозицијата, рече заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во гостувањето во Алсат. Таа повика на дијалог и политичка аргументација.
-Во однос на уставните измени ја имаме поддршката на меѓународната заедница, исправени сме голем предизвик и не смееме да скршнеме од патот по кој сме тргнале, а тоа е патот кон ЕУ. Јас сум убедена, јас сум оптимист, дека нема да имаме гласање на уставните измени само со 80 пратеници, туку сите пратеници во Собранието треба да ја поддржат оваа одлука, бидејќи друга опција немаме, рече Лукаревска.
Таа кажа дека во работната група ќе членуваат влијателни правници по уставно право, претставници на политички партии и преку дебата и соочување на аргументите ќе се дојде до решение, за стратешката цел да биде остварена.
-Се зборува само за план „А“, а не план „Б“ и треба да ги искористиме сите можности да припаѓаме во една средина каква што заслужуваме, а тоа е Европската унија, рече Лукаревска.
Според неа, оваа одлука не е одлука на една политичка партија и одреден состав или поединец, туку е одлука што ќе придонесе за доброто на граѓаните и државата.