Општина Аеродром ја прифати иницијативата за поставување на Ќосето во Горно Лисиче

од Nikola Popovski
183 прегледи

Советот на Општина Аеродром со 22 гласа „за“ и шест гласа „против“ ја усвоил иницијативата на советничката група на партијата Левица и ВМРО-ДПМНЕ, споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето да се постави на територија на општината, во паркот во Горно Лисиче.

Следен чекор е иницијативата да биде поднесена до Собранието на Република Македонија, која треба да го даде последниот збор.

Според Левица, „Андон Лазов Јанев – Ќосето е македонски револуционер, современик и другар на Гоце Делчев и Јане Сандански кој пак е поврзан со Општина Аеродром“.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска минатиот месец испратила писмено барање потпишано од нејзе до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат. Од таму одговорија дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба да добие согласност од Собранието.

Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Со доаѓањето на функција на тогашниот градоначалник Петре Шилегов, споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба односно нема решение за негово поставување. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје.

Слични содржини