Христијан Мицкоски е познат по две работи. По промашени прогнози за економски и политички случувања во земјата и по тоа што е во целосно заложништво на Левица и Димитар Апасиев, велат попладнево од СДСМ како реакција на денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата на власт, заедничко за Мицкоски и Апсиев е нивната определба да бидат против ЕУ и против европската иднина на земјата и сите наши граѓани.
-Денеска по којзнае кој пат Мицкоски го потврди тоа. Апасиев го вози Мицкоски, тој е негова инспирација и со него се натпреварува како да го закочи патот кон ЕУ и кој поголема штета ќе предизвика на државата, на идните генерации, истакнуваат од СДСМ и додаваат:
-СДСМ заедно со граѓаните, заедно со сите проевропски партии во земјата тоа нема да го дозволи.Подготвени сме, ќе бидеме предводник на проевропската коалиција и во иницијативата да се направат сите неопходни реформи и уставни измени за да го продолжиме патот кон Европа, стои во партиското соопштение.
Мицкоски денеска порача дека чувствува притисоци за уставните измени.
-Не дека сум јас надмен човек туку едноставно во животот треба да имате и елементарна логика, моите аргументи се елементарна логика и тие се јавно познати. Ако некој мисли дека со притисок нешто кај мене ќе постигне се лаже, такво нешто нема да се случи. Јас сум свесен дека тоа ќе продолжи и понатаму. Но ќе повторам промена на уставот во овој парламентарен состав нема да има. свесен за политичката цена која што можеме да ја платиме излеговме во јавност дадовме предлог, предлог кој што тие го дадоа, а тоа е хрватскиот модел на уставна преамбула, и рековме еве го прифаќаме, ајде господа повелете да видиме кој е европеец кој не е европеец, кажа лидерот на опозицијата.