СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за измени на Уставот, соопшти денеска портпаролот и пратеник Дарко Каевски.
Тој посочи дека Иванова е дипломиран правник, има долгогодишно искуство, одличен познавач не само на Уставот и законите туку и на собраниските процедури како пратеничка и дека учествувала во значајни процеси и одлуки кои Собранието ги има донесено.
Според Каевски, СДСМ активно ќе учествува во експертското тело кое го формира Министерството за правда.
На последниот ден пред истекот на рокот во кој претставниците на политичките партии можеа да предложат свои претставници на работната група која треба да ги подготви измените на Уставот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека без загарантирано мнозинство 2/3 во парламентот на земјата, работната група е целосно неоснована. Според него, власта го политизира процесот на уставни измени.
Алтернатива, која пред промените во владата беше дел од владеачкото мнозинство, најави дека нема да учествува во работната група.
„За нас не може да има работна група за изготвување или подготовка на уставните измени, додека не се постигне политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на овие измени, преку кои ќе се отвори патот за интеграција на земјата во ЕУ. Понатаму, Алтернатива не може да седне на заедничка маса и да разговара на оваа тема со партии кои се уште не објавиле дека предлагаат амандмани за борба против корупцијата“, изјави Зекирија Ибрахими од Алтернатива.
Демократскиот сојуз, кој и пред промените во владата беше дел од владејачкото мнозинство, ја повтори својата теза дека инсистира на реципроцитет од страна на Бугарија и затоа нема да учествува во работната група за уставни измени.
Пред два дена и партијата Левица која има двајца пратеници во парламентот соопшти дека нема да учествуваат во работната група, бидејќи тоа, според нив би било предавство.