ДУИ го номинираше Адеми за преставник во работната група за уставни измени

од Nikola Popovski
169 прегледи

ДУИ го номинира својот пратеник Арбер Адеми за преставник на партијата во работната група за уставните измени. Претходно во текот на денот, истото го сторија и СДСМ, кои ја именуваа поранешната пратеничка Цветанка Иванова како дел од работната група која треба да ги подготви амандманите за предвидените уставни измени.

На дописот од Министерството за правда, први се одѕваа претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група.

На последниот ден пред истекот на рокот во кој претставниците на политичките партии можеа да предложат свои претставници на работната група која треба да ги подготви измените на Уставот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека без загарантирано мнозинство 2/3 во парламентот на земјата, работната група е целосно неоснована. Според него, власта го политизира процесот на уставни измени.

Алтернатива, која пред промените во владата беше дел од владеачкото мнозинство, најави дека нема да учествува во работната група.

„За нас не може да има работна група за изготвување или подготовка на уставните измени, додека не се постигне политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на овие измени, преку кои ќе се отвори патот за интеграција на земјата во ЕУ. Понатаму, Алтернатива не може да седне на заедничка маса и да разговара на оваа тема со партии кои се уште не објавиле дека предлагаат амандмани за борба против корупцијата“, изјави Зекирија Ибрахими од Алтернатива.

Демократскиот сојуз, кој и пред промените во владата беше дел од владејачкото мнозинство, ја повтори својата теза дека инсистира на реципроцитет од страна на Бугарија и затоа нема да учествува во работната група за уставни измени.

Пред два дена и партијата Левица која има двајца пратеници во парламентот соопшти дека нема да учествуваат во работната група, бидејќи тоа, според нив би било предавство.

Слични содржини