Сега е време за исполнување на единствената обврска која нашата држава ја има согласно преговарачката рамка, усвоена од 27 земји членки на ЕУ, а тоа се уставните измени, порачаа утрово од СДСМ.
Партијата на власт номинираше претставник во работната група за измени на Уставот и активно ќе учествува во експертското тело формирано од Министерството за правда.
– За жал, граѓаните гледаат дека заложништвото на Христијан Мицкоски кон Димитар Апасиев и Левица си го направи своето. Мицкоски и Апасиев отворено се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани. СДСМ, како предводник на проевропската коалиција, ќе се спротивстави на деструктивноста на оваа коалиција на хаосот, порачуваат од СДСМ.
Од таму потенцират дека „македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина“.
Истече рокот за предлагање членови и експерти во работната група која треба да ги подготви амандманите за уставните измени. Ова тело ќе треба да ги разработи текстовите на преамбулата за влез на Бугарите и другите помали заедници во основниот закон.
Покрај СДСМ, свои членови ќе испратат и Алијанса за Албанците и ДУИ.
Од останатите институции, досега официјално е познато дека како претставник на кабинетот на претседателот на државата е правниот советник и универзитетски професор Александар Спасов.
ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократскиот сојуз, пак, соопштија дека нема да номинираат свои претставници.