Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски вчера призна дека всушност станува збор за парцели и измени на ДУП за нови згради во Лисиче, иако пред неколку дена тврдеше дека ќе бидат само куќи. Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ ги излажаа граѓаните на Аеродром, наместо повеќе зеленило и нови јавни површини како што ветуваа во кампањата, тие денес нудат бетонизација на постоечките зелени површини, соопштија утрово од СДСМ.
Од партијата потенцираат дека актуелната локална власт ќе прави бетонизација и задолжување на општината преку општинска обврзница.
-По сите сомневања, Државната комисија за спречување на корупцијата мора да го истражи овој случај до крај, бараат од владеачката партија.
Муцунски вчера одржа прес-конференција во врска со процесот на изработка на ДУП-от во дел од населбата Лисиче. Според него, „станува збор за координирана кампања насочена кон ширење лажни вести и дезинформации пред граѓаните“.
Како што посочи градоначалникот, на локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче, не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој за прв пат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.