СДСМ: Долг е списокот на лаги што Мицкоски свесно ги шири за изградбата на Коридорите 8 и 10Д

од Nikola Popovski
119 прегледи

Од СДСМ утрово порачаа дека „Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се против најголемата инвестиција во инфраструктурата вредна 1,3 милијарди евра“. Според партијата на власт, „долг е списокот на лаги што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ свесно ги шират за изградбата на делниците од коридорите 8 и 10Д“.

-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ свесно лажат дека 70 отсто од работниците ќе бидат од странство. Лажат и дека работниците од странство ќе работат без работни дозволи, лажат дека ќе се зголемат работните часови, како што лажат дека државата ќе плаќа пенали доколку не се променат одредени закони, се вели во соопштението од СДСМ.

Од партијата на Димитар Ковачевски порачуваат дека е скандалозно што ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски прват хајка против реномирана американска компанија каква што е Бехтел.

Договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ не е објавен јавно, но опозицијата секојдневно објавува детали и бара одговори за спорни елементи.

Од Владата на 20 април соопштија дека документацијата и деталите од договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 ќе биде презентирана во Собранието, пред пратениците кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.