Србија повторно е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан која не ги усогласи новите одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина.
Како што соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на 13 април, Советот на ЕУ ја усвоил одлуката (ЗНБП) 2023/7561, со која се проширува списокот на лица, субјекти и тела на кои се применуваат рестриктивните мерки донесени во 2014 година.
Сите други земји кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан – Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина – се усогласија со новата одлука на Советот на ЕУ.
Тие ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа одлука, а ЕУ ја забележува и ја поздравува оваа посветеност, се вели во соопштението.
Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ на Западен Балкан која не ги усогласи претходните 16 одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради Украина, кои беа усвоени во јануари, февруари и март годинава и во јули, септември и ноември 2022 година.
Србија не ги почитуваше одлуките на Советот на ЕУ во февруари и март за рестриктивни мерки поради сериозно кршење на човековите права и злоупотреби, како и февруарската одлука за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Белорусија и нејзиното учество во руската агресија врз Украина.
Не ги почитуваше одлуките за примена на посебни мерки во борбата против тероризмот од февруари 2023 и јули 2022 година, февруарските одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Мали, ниту одлуките за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Иран усвоена во февруари и март оваа година и јуни и декември 2022 година.