Суспендирани неколку вработени во „Идризово“ за копањето на подземниот тунел

од Nikola Popovski
193 прегледи

Неколкумина вработени од најголемиот македонски затвор „Идризово“ се суспендирани откако пред еден месец беше откриен тунел во чие копање учествувала група од најмалку осум затвореници. Ова го откри новиот директор на затворот, Зоран Јовановски во интервју за Макфакс.

Тој не појасни кои вработени се суспендирани и за колкава бројка станува збор.

Тунелот беше ископан на длабочина од околу еден метар, со пречник од околу 80 сантиметри и беше соодветно обезбеден со попречни греди и тули.

Затворските работници веќе некое време имале индиции дека се случува сомнително движење на осудениците во дворот околу стари простории, кои се во кругот на затворот, а биле користени за складирање. Во моментот кога надлежните презеле мерки за уривање на овие простории, со цел да се подобри функционалноста на затворот, бил откриен и тунелот. Воедно биле направени и повеќе ископи во кругот на одделението при што беше пронајден подземниот недовршен тунел во должина од околу 50-тина метри на потегот од објектите кои се рушат кон оградниот ѕид.

Од МВР тогаш соопштија дека во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот.

Владата во меѓувреме донесе одлука да го разреши тогашниот директор на затворот, Шпенд Тахири, а на негово место го постави токму генерал-мајор, Зоран Јовановски.

Слични содржини