Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска пристигна во Финска, каде со лидерите на нордиските земји ќе разговара за војната со Русија и европските односи, соопштија владите на неколку земји во регионот.
Во соопштението на шведската влада се наведува дека темите на самитот се војната на Русија против Украина, постојаната поддршка на нордиските земји за Украина, односот на Украина со ЕУ и НАТО и „украинската иницијатива за праведен мир“, пренесува „Ројтерс“.
Зеленски ќе се сретне со финскиот претседател Саули Нииниста, како и со премиерите на Шведска, Норвешка, Данска и Исланд.
Според податоците собрани од Килскиот институт за светска економија, од декември, нордиските земји ја зголемиле помошта за Украина најмногу од сите донатори.
Состанокот во Хелсинки следи по приемот на Финска во НАТО минатиот месец, со што границата на Алијансата со Русија се прошири за повеќе од 1.300 километри.
Финска поднесе барање за влез во НАТО заедно со Шведска, која доцни во процесот на пристапување во алијансата поради приговорите од Турција и Унгарија.
Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром во април изјави дека се надева дека неговата земја ќе се приклучи на НАТО пред претстојниот самит во Вилнус во јули, пренесува „Танјуг“.