Претседателските и парламентарните избори во Република Турција поминаа во демократска атмосфера и за поздравување е што политички партии од различни провиненции ќе бидат претставени во Големото народно собрание на Р. Турција, вели во разговор за „Локално“, пратеникот и лидер на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим, коментирајќи ги важните избори во Турција.
Ибрахим очекува и следните две недели да поминат во слична демократска клима и двајцата кандидати Реџеп Таип Ердоган и Кемал Киличдароглу да се претстават во најдобро светло пред граѓаните. Како што оценува, резултатите од првиот круг предвидуваат неизвесна трка во вториот круг, но мора да се напомене дека Ердоган има и сериозна психолошка предност.
-Гласовите на трето рангираниот кандидат Оган во оваа ситуација може да влијаат на конечниот исход, но рано е да се предвиде како ќе течат и меѓупартиските консултации и можни коалициски договори. Што се однесува до резултатот од нашата земја, во Република Северна Македонија има неколку илјади регистрирани државјани на Турција, бројка која нема релевантно влијание на конечниот резултат, смета Ибрахим.
Пратеникот во македонското Собрание коментира и како евентуалниот исход од турските избори би влијаел понатаму врз односите со Македонија.
-Кој и да биде победник во вториот круг, сигурен сум дека нема да има никакво негативно влијание врз односите меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, бидејќи пријателските релации меѓу нашите земји се основаат врз традиционални врски и стратешкото партнерство само ќе се надоградува и во следниот период, порачува Ибрахим.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 28 мај, соопшти вчера шефот на Врховната изборна комисија Ахмет Јенер.
Тој рече дека во првиот круг ниту еден кандидат не успеал да ги освои потребните 50 отсто од гласовите и дека во вториот круг ќе се борат актуелниот претседател Ердоган и опозиционерот Киличдароглу.
Ердоган во првиот круг освоил 49,51 отсто од гласовите, додека Киличдароглу 44,88 отсто од гласовите.
Синан Оган освоил 5,17 отсто, а Мухарем Инџе, кој се повлече од претседателската трка на крајот на минатата недела, 0,44 отсто од гласовите.
Јенер соопшти дека излезноста на гласачите во земјата била 88,92 отсто, а во странство 52,69 отсто.
Во однос на резултатите од дијаспората, убедливо најбројна турска дијаспора има во Германија, каде Ердоган издвојувал убедлива победа со 340 илјади гласови или 65 отсто. Победил и во Франција, каде ја добил поддршката од 62 отсто од гласачите, како и во Холандија со 68 отсто и Белгија со 71 отсто од поддршката на турската дијаспора.
Од друга страна, Киличдароглу го победил Ердоган во САД, каде освоил дури 79,83 отсто од гласовите на тамошната дијаспора.
Речиси во сите земји од Блискиот Исток славел Ердоган, во Саудиска Арабија со 73 отсто, Јордан со 88 отсто и во Либан со дури 95 отсто.
Покрај во Босна и Херцеговина, каде Ердоган добил 45,9 отсто од гласовите, добил најмногу гласови и во Косово 55 отсто од гласовите. Киличдароглу славел во другите земји од регионот-во Србија доби 48 отсто, во Црна Гора 79 отсто, во Македонија 51 отсто и во Албанија 62 отсто од поддршката на турската дијаспора.
Н.П.