Покрај домашните и регионалните медиуми, интерес за вечерашните протести во соседна Србија изразија и руски портали.
Интерфакс потсетува дека протестот под слоганот „Србија против насилството“ започна кога се случија две масовни престрелки, во основното училиште Владислав Рибникар и во околината на Младеновац, при што животот го загубија 16 лица, а 20 се ранети.
Овој руски портал вели дека протестот го организирале Демократската партија, Народната партија, Партијата „Заедно“, Партијата за слобода и вистина и Движењето на слободни граѓани, пренесе „Данас“.
Исто така, Интерфакс јавува дека демонстрантите барале промена на целото раководство на Регулаторната управа за електронски медиуми (РЕМ), отстранување на сите програми кои промовираат неморал и насилство на националните телевизиски канали, забрана за објавување на печатени медиуми кои промовираат насилство, агресија и кршење на новинарскиот кодекс.
„Покрај тоа, тие бараат оставка од министерот за внатрешни работи на Србија Братислав Гашиќ, шефот на Безбедносно-информативната агенција (Српската разузнавачка служба) Александар Вулин и прифаќање на оставката на министерот за образование Бранко Ружиќ.
„Со години, опозициските партии и активистите за човекови права го обвинуваат Вучиќ и неговата владејачка Српска напредна партија за автократија, сузбивање на медиумите, насилство врз политичките противници, корупција и врски со организираниот криминал. Неодамнешните трагедии само ја проширија листата на побарувања. Самиот Вучиќ, според експертите, се обидува масовните егзекуции да ги претвори во разговор за себе и за заканата за државата. Тој ги нарекува претставниците на опозицијата „мршојадци и хиени“, обвинувајќи ги за обиди за незаконско преземање на власта“, пишува Дојче веле на руски во својот текст „Протести во Србија: Дали претседателот Вучиќ ќе поднесе оставка?“.
Дојче веле, покрај вечерашниот протест, пишува и за „контрамитингот“ на Вучиќ кој беше најавен за 26 мај.