За малите деца, одредени животни настани како преселување во нова куќа или одење во градинка се големи нешта што можат да предизвикаат стрес.
Како што објаснуваат психолозите, стресот кај малите деца не е секогаш лесно да се препознае бидејќи, за разлика од постарите, тие не можат да ни кажат што и зошто толку многу ги мачи.
Сепак, експертите исто така тврдат дека постојат одредени знаци кои откриваат дека детето може да биде под стрес.
Анксиозност од разделување или страв од разделба
Иако кризата на одвојување е доста честа појава кај децата, понекогаш може да биде знак на стрес кај нашите малечки.
Кога малото дете е под стрес, често е многу потешко да се одвои од родителите или роднините, токму поради чувството дека нешто лошо може да му се случи.
Проблеми со спиењето
Проблемите со спиењето, како што се несоницата, честото будење во текот на ноќта или раните будења може да бидат знак дека малото дете е под стрес или доживува некоја траума што не треба да ја игнорираме.
Иако малите деца често имаат проблеми со спиењето поради многу причини, како што се болки при никнувањето на забите или настинки, тие доаѓаат и си заминуваат прилично брзо. Доколку проблемите со сонот траат подолго, психолозите предупредуваат дека во тој случај тоа може да биде посериозен проблем како што е стресот.
Промени во однесувањето
Големите животни настани како преселба во нова куќа, имање брат или сестра, одење во градинка или некоја друга значајна промена може да предизвикаат промени во однесувањето или таканаречена регресија, што може да предизвика нашето дете да се врати на однесувања што веќе ги надминало, како на пример носење пелени, користење цуцла или цицање палец.
Како што објаснуваат психолозите, необјаснивата регресија е знак дека детето минува низ стресен период со кој не може да се справи правилно.
Развивање на лоши навики
Децата кои се под стрес понекогаш се обидуваат да се смират со обични навики или тикови како што се грицкање нокти, вртење на косата или гребење на кожата.
Психолозите советуваат дека родителите кои забележуваат дека нивното дете ги прави токму овие работи, никогаш не треба да го критикуваат детето бидејќи малите деца едноставно немаат таква самоконтрола каква што имаат возрасните.