Во склопот на досиејата на ФБИ поврзани со посетата на Елизабета Втора на САД беа објавени информации за потенцијалниот атентат на сега покојната кралица. Кралицата и нејзиниот сопруг, војводата од Единбург, беа во официјална посета на западниот брег на САД во февруари и март 1983 година.
Документот достапен во онлајн трезорот на ФБИ го опишува она што изгледа како разузнавање дадено на федералните агенти за закана по животот на кралицата во Калифорнија пред 40 години. Во досието се наведува дека телефонскиот повик го упатил „маж кој тврдел дека неговата ќерка била убиена во Северна Ирска со гумен куршум“, пренесува „Гардијан“.
Загриженост и при посетата во 1991 година
„Овој човек понатаму тврдеше дека ќе се обиде да ѝ наштети на кралицата Елизабета и дека ќе го стори тоа со фрлање предмет од мостот Голден Гејт на кралската јахта Britannia додека плови под мостот или ќе се обиде да ја убие кралицата Елизабета кога таа ќе го посети на националниот парк Yosemite“, се додава.
Досието се однесува на клубот кој „има популарна репутација како републикански бар што го посетуваат приврзаниците на Привремената ирска републиканска армија“. Објавен е друг документ во врска со државната посета на кралицата на САД во 1991 година, откривајќи ја загриженоста дека ирските групи планираат да протестираат поради присуството на монархот на бејзбол натпревар, како и нејзиното учество на настан во Белата куќа.
„Секогаш постои закана од Ирската републиканска армија“
ФБИ ги доби горенаведените информации врз основа на статија објавена во весникот Irish Edition.
„Во написот се наведува дека антибританското расположение е во пораст како резултат на објавените неправди нанесени на шесторката од Бирмингем од корумпираниот англиски правосуден систем и неодамнешниот бран на брутални убиства на невооружени ирски националисти во шесте окрузи“, стои во досието.
„Иако написот не содржеше закани против претседателот или кралицата, изјавите можеле да се сметаат за поттикнувачки. Било наведено дека ирскиот собир резервирал голем блок на влезот на трибините“, се додава.
Во посебно досие меѓу документите, од 1989 година, се наведува дека иако ФБИ не знаел за никакви конкретни закани против кралицата, „можноста за закани за британскиот монарх секогаш постои од Ирската републиканска армија“.
Инаку, братучедот на кралицата, Лорд Маунтбатен, беше убиен во бомбашки напад на ИРА во округот Слајго, Ирска во 1979 година.