Премиерот Димитар Ковачевски упати честитки до Реџеп Таип Ердоган, за новиот претседателски мандат. Македонскиот премиер порача дека големото и традиционално пријателство помеѓу Северна Македонија и Турција продолжува да се развива на билатерален економски план и во рамки на партнерството во НАТО.
-Пред нас се предизвиците на глобален план и уверен сум дека како и досега, ќе работиме заедно и со уште поголема посветеност на сигурноста и стабилноста на регионот и Европа и мирот во светот, објави Ковачевски на социјалните мрежи.
Светските лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, рускиот претседател Владимир Путин и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му честитаа на Реџеп Таип Ердоган за неговата победа во вториот круг од турските претседателски избори.