Објавени резултати од анкета: Колку Срби би војувале за Косово?

од Nikola Popovski
660 прегледи

Зајакнувањето на мировните сили на НАТО започна во Косово по минатонеделните немири на северот на земјата, соопшти Алијансата. Насилството избувна откако косовските власти назначија градоначалници етнички Албанци на позиции во северните општини, кои беа избрани со излезност од само 3,5 отсто бидејќи мнозинството Срби во регионот ги бојкотираа локалните избори.

Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили на НАТО познати како КФОР и 52 српски демонстранти.

„Околу 500 војници од турската 65-та механизирана пешадиска бригада ќе го сочинуваат најголемиот дел од засилувањата“, напиша на Твитер портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.

Како одговор на кризата, НАТО одлучи да испрати дополнителни 700 мировници на Косово, со што ќе го засили својот контингент од 4.000 војници, а генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, во четвртокот рече дека е подготвен да испрати уште.

„НАТО ќе биде во состојба на готовност. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна средина, но и да ги смириме и да ги намалиме тензиите“, изјави тој за новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.

Анкета: 11 отсто од Србите би се бореле за Косово

Истражувањето на Демостат спроведено во Србија од 24 април до 4 мај, во кое учествувале 1.600 испитаници, покажува дека мнозинството српски граѓани се против каков било конфликт на Косово. Анкетата е спроведена пред последните инциденти.

Според истражувањето, 11 отсто од испитаниците би се бореле за Косово, додека 65 отсто од нив се против каков било конфликт на Косово, пренесува „N1“.

22 отсто од испитаниците сметаат дека Русија ја поддржува Србија, а 20 отсто од нив ја гледаат Европската унија во таа улога. Кога станува збор за односот кон Истокот и Западот, 30 отсто од испитаниците се за Русија и Кина, а 35 отсто се за ЕУ, Соединетите Американски Држави и скандинавските земји.

Доколку утре би се одржал референдум за членство во Европската унија, процентот за и против е ист – 33 отсто.