Пет години од потпишувањето на преспанскиот договор

од Vladimir Zorba
265 прегледи

На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји и се отвори патот за нови перспективи во билатералните односи.

Договорот, кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.

Со решението, за нашата земја се отвори патот кон НАТО и ЕУ, а на југ доби земја- пријател, но и сојузник, како што често велат политичарите и од двете страни на границата, а билатералните односи се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект.

Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО, а грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор.

Слични содржини