Во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ во Македонската филхармонија гостува Белградска филхармонија, предводена од славниот маестро Зубин Мехта. Тој во интервју за Телма телевизија кажа дека никогаш не смее да се потцени моќта на музиката и на уметноста.
-Во мојот живот имам искуство од целиот свет и можам да кажам дека музиката е таа што ги обединува луѓето. Еднаш имавме концерт во Париз преку УНЕСКО, каде што Индиец свиреше со Пакистанец, каде сириски пијанист свиреше со хрватски виолинист итн. Тука беше и публиката кој ги прифати сите овие културолошки разлики на луѓето кои заедно создаваа музика. Тие разговаа меѓу себе што беше огромен успех, кажа Мехта.
Тој рече дека за него е чест што може да изведува компоции на автори стари и до 400 години.
-Концертот веќе се одвива во мојата глава и доколку сум го имал истиот концерт претходно, како на оваа турнеја, веќе размислувам што може да направам подобро, на кои грешки на оркестарот да внимавам, на што да се концентрирам… Како да ги исправам и моите грешки за да бидам подобар. Едвај чекам концертот да започне. Пред секој концерт има момент на тишина, но кога ќе се качам на сцената, пред да ја подигнам раката има една мистична тишина. Се обидувам да го информирам оркестарот какво е моето расположение за првите тактови на музиката. Потоа им препуштам тие да преземат, бидејќи тие ја свират музиката. Сето ова продолжува како лава која излегува од вулкан. Музиката никогаш не запира и таа ја збогатува, засилува и инспирира публиката, вели Мехта.