Специјалниот пратеник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, рече дека ситуацијата на Косово бара побрзи потези, деескалација и итно изнаоѓање решенија, бидејќи земјите-членки на ЕУ полека го губат трпението и дека страните треба да најдат понатамошни чекори врз основа на патоказот кој ЕУ им ја понуди минатата недела во Брисел.
„Неминовно, јас и господинот Рама разговаравме и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, со кој претседава ЕУ. Се согласивме дека ситуацијата бара брза акција, деескалација и итно изнаоѓање решение. Земјите членки се согласуваат за ова и полека го губат трпението пред оваа ситуација и затоа се потребни итни чекори“, рече Борел на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Албанскиот премиер истакна дека е „добро“ што Борел јавно ја истакна нетрпеливоста на земјите-членки и нивната зголемена загриженост.
„Се надевам дека ќе се реализира идејата двајцата лидери да се сретнат и да работат заедно со претставниците на ЕУ и САД и дека нема да ги оставиме да си заминат додека не се постигне договор. Во спротивно, да се соочиме со последиците, кои би биле многу тажни за сите. Задоволен сум што полицајците се ослободени и сега е време за деескалација, итна, бидејќи ситуацијата е таква“, рече Рама, додавајќи дека не смее да се дозволи постигнатите резултати и напредок да „ се срушат како замок од песок“, поради „некои сосема бизарни случувања засновани на бизарни претензии“.
Тој посочи дека Албанија е дел од регионот кој многу страдал во минатото и дека настаните во него се секогаш поврзани.
„Не можеме само да гледаме во нашиот двор и да си ја вршиме домашната задача, без да се прашуваме што се случува околу нас“, рече Рама.