СДСМ: ДПМНЕ переле пари и се богателе на грбот на великаните Гоце, Карев, Цар Самоил и Гемиџиите

од Nikola Popovski
252 прегледи

Нема поголемо лицемерие од тоа ДПМНЕ да одржува трибини среде Белиот дворец – криминално стекнат имот што е докажано и со судска пресуда, велат од СДСМ преку партиско соопштение за денешната партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата на власт, на грбот на македонскиот народ, но и на македонските великани како Гоце Делчев, Никола Карев, Цар Самоил, Гемиџиите, ДПМНЕ и луѓе од врвот на партијата преку проектот Скопје 2014, переле пари и се богателе.

-Милионски се штетите од криминалното владеење на ДПМНЕ и затоа оваа партија нема ниту грам легитимитет да зборува за борба против корупцијата, велат од „Бихаќка“ наведувајќи дека денешната трибина беше добра можност да се побара оставка од Христијан Мицкоски.

Создавањето и поставувањето во центарот на Скопје на 11 споменици во 2014 година, за време на владата на Никола Груевски е предмет на истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција под кодно име. „Феникс“.

Детали од истрагата беа соопштени вчера на прес-конференција, откако изутрината беа извршени неколку апсења. Меѓу приведените беше и поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ кој доби 30 дена куќен притвор.

Во случајот „Феникс“ осомничени се седум правни и 15 физички лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум и вицепремиер и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, како и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, поранешниот претседател на Советот на општина Центар Владимир Здравев, како и двајца поранешни градоначалници на општината – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова. Меѓу осомничените има и италијански државјанин. Од седумте осомничени правни лица, четири се од Македонија и три од Италија.

Слични содржини