Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека нема разговори со косовскиот премиер Албин Курти и дека е многу загрижен за српскиот народ на Косово. Тој ги праша ЕУЛЕКС, Брисел, Вашингтон и Берлин „зошто Србинот Душан Обреновиќ е во притвор“.
„Нема разговор, нема нормалност, нема чест, нема зборови со Курти, многу сум загрижен за нашиот народ на Косово и Метохија“, рече Вучиќ во гостувањето на ТВ Прва.
Тој изјави дека на целиот Запад „не му е гајле“ кога се загрозени правата на Србите на Косово. Тој ги праша Берлин, Брисел и Вашингтон зошто Душан Обреновиќ се уште е во притвор, кога се знае дека е невин, што е документирано и со видео снимки.
„ЕУЛЕКС набљудува 109 случаи на уапсени Срби, 11 во последниот период биле во притвор. Има луѓе кои две години се во притвор, без основа, а потоа велат дека тоа е владеење на правото. Ваквите изјави на ЕУЛЕКС навредуваат.Лажете дека не знаете дека е невин. Тој и други беа уапсени по наредба на Курти и неговиот послушник Свечља. Не лажете дека има причина. Во групата беше вовлечен од војници на НАТО, не крена рака. Најточна снимка имате, никого не допрел, а го убиле од ќотек, тепање, посебно рекле дека ова ќе ти се случи затоа што си преминал во православие. Денеска има страшни повреди“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека не може без емоции да зборува за положбата на Србите во Косово, кои „малку ги тепаат, малку им ставаат вреќи на главите“.
Вучиќ предупреди дека косовскиот премиер Курти е човек без зборови и чест, на чии постапки не може да се гледа рационално, кој сака само да биде новиот Енвер Хоџа или Володимир Зеленски и за што изрази загриженост дека во наредните денови, со зголемен нападите на Украинците и Курти може да го зголеми теророт врз Србите.
„Не можете рационално да гледате зошто прават нешто. Тој само сака да биде новиот Зеленски“, рече претседателот и додаде дека очекува голема офанзива во Украина која што, како што рече, Курти ќе ја искористи за уште пожесток терор врз Србите.
Претседателот рече дека мисли оти Украинците подготвиле десетици бригади кои сериозно ќе ги пробијат руските линии со огромни жртви. Тој нагласи дека кога го кажува тоа не навива, туку кажува што мисли. Очекуваат дека тоа ќе го смени текот на војувањето пред самитот во Вилнус на 12 јули, очекуваат да добијат карт-бланш за НАТО, рече Вучиќ.
„Кога ќе почне, а очекувам да почне утре или задутре, во наредните денови, тогаш ќе видите дополнителна офанзива на КИМ. Затоа барам од Србите да бидат внимателни. Се плашам дека овој терор ќе стане уште пожесток, тој се замислил во улогата на Зеленски, новиот великоалбански лидер кој ќе ги обедини сите албански земји и ќе заврши голема работа“, рече Вучиќ.