Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лицето кое со багер усмрти жена во центарот на Скопје.
-Осомничениот 42-годишник од Скопје, на 1 јули, на улицата “Јордан Мијалков“ во Скопје, управувал мобилна машина „Лиебхерр“ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. На обележан пешачки премин со машината удрил во телото на една жена-пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала, излегоа од ОЈО со детали за несреќата.
Непосредно по настанот, јавен обвинител извршил увид на лице место и издал повеќе наредби со цел да се испитаат сите околности и да се утврдат причините за сообраќајната несреќа. По еден дел од наредбите се уште се постапува.
-За да го обезбеди присуството на осомничениот и непреченото водење на постапката јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, информираа од Јавното обвинителство.
Трагичниот настан бил пријавен вчера во 11 часот во МВР. Како што објави полицијата, станува збор за И. А. (42) од с. Грчец, скопско кој управувал со градежната машина.