Патниците кои летово ќе патуваат со авион се предупредени на „предизвикувачко“ лето. „Еуроконтрол“, регулатор на воздушниот простор во Европа, очекува контролата на воздушниот сообраќај да биде преоптоварена во многу европски земји.
„Еуроконтрол“ издаде предупредување на почетокот на туристичката сезона. Тие велат дека се очекуваат околу 33.000 дневни летови низ Европа во следните осум недели, што е зголемување за околу 8 отсто во споредба со истиот период минатата година, пишува „Тајмс“. Се очекува Британците да остварат повеќе од 25 милиони патувања во странство од сега до септември, главно со авион.
„Еуроконтрол“ најавува „голем метеж“ во сообраќајот во многу важни региони, вклучувајќи ги Ремс и Марсеј во Франција, како и Атина и Будимпешта. Агенцијата издаде слични предупредувања за Лондон, Барселона, Брисел, Никозија, Варшава и Загреб, особено во петок и за време на летните викенди.
„Преоптоварувањето може да резултира со одложувања и пренасочување на авионите кои ќе бидат принудени да летаат на подолги рути за да ги избегнат ограничувањата“, велат од агенцијата.
„Ова лето во Европа е предизвик бидејќи имаме помалку достапен воздушен простор поради војната во Украина и воените потреби… Секој треба да ја одигра својата улога. Аеродромите мора да бидат добро екипирани, од витално значење е да се обезбеди доволен капацитет за услугите на воздушниот сообраќај, а авиокомпаниите треба да се придржуваат до нивните распореди“, рече Раул Медина, извршен директор на Еуроконтрол.
Пад на бројот на контролори
Дневните прогнози за летови се на најниско ниво од 2019 година, кога на 28 јуни беа забележани 37.228 летови. Сепак, оттогаш, бројот на контролори на летање опадна, делумно поради тешкотиите при регрутирање по пандемијата. Годинава заканата од штрајкови е поголема, предупредува „Еуроконтрол“.
Вили Волш, официјален претставник на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, минатиот месец рече дека авиокомпаниите се сериозно загрижени за контролата на сообраќајот и дека ситуацијата во јуни е „многу полоша од вообичаеното за овој период од годината“.
„Имаме хаотична ситуација кога гледаме речиси секојдневни штрајкови на контролата на летање, што го нарушува сообраќајот не само во Франција туку и низ Европа бидејќи ги принудува авиокомпаниите да ги пренасочуваат рутите кон други земји“, рече тој.