Христијан Мицкоски застана во одбрана на криминалите на ДПМНЕ, велат од СДСМ како реакција на денешниот изнесен став на лидерот на опозицијата за случајот „Феникс“.
Од партијата на власт велат дека Мицкоски не сака да побара одговорност за сите инволвирани.
-Случајот и истрагата за `Феникс`, отворени од надлежно обвинителство, е само дел од ултра криминалот на ДПМНЕ преку Скопје 2014, порачуваат од СДСМ и обвинуваат дека на „грбот на народот ДПМНЕ переле пари преку спомениците“ и дека додека граѓаните осиромашувале тие се богателе.
-За Мицкоски не е проблем тоа што негови сопартијци се осомничени дека проневериле 57 милиони евра, пари на граѓаните, за 11 споменици од Скопје `2014`. 33 нови детски градинки ширум државата можеле да се изградат со 57 милиони евра, ама за Мицкоски тоа не е важно. Ова е само потврда, ДПМНЕ е криминална партија а по криминален споменик од Белата палата нема, стои во партиското соопштение.
Мицкоски денеска рече дека последната истрага на ОЈО за спомениците од Скопје 2014 е „театар“ и „дефокус на јавноста“.
-Ако имало дело, ќе било решено пред 9 години. Продолжува да се негира македонскиот идентитет и се фрла сенка на идентитетските обележја и тие споменици кои имаа за цел да покажат историски континуитет на битката за своја држава. Можеби е добро со камерите да појдеме на споменикот од Слупчане и да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој го финансирал и како е финансиран, и го охрабрувам истиот тој обвинител за кој што вие кажувате да отвори една таква предистрага, нека се охрабри, барем предистрага. Или можеби сакате да одиме до Зајас или Колари или сакате уште во неколку места да ве однесам во Македонија, каде што има такви нелегални градби, и каде што има основано сомневање за еден можеби поспектакуларен случај од овој кој што служи исклучиво за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои што денеска ја имаат за жал заробено Македонија. Овој случај е исклучиво за дефокус, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарски прашања од општина Кисела Вода.