Трендафилов: Како никогаш досега кај синдикатите и Владата има желба да се најде решение кое ќе значи зголемување на платите без никакво влијание

од Vladimir Zorba
1,7K прегледи

Синдикатите и Владата влегуваат со подеднакво големи влогови на денешната средба  која ќе се одржи на барање на Министерот за финансии.

Додека ССМ не отстапува од барањето за усогласување на платите,  власта е засега воздржана за некои од можните опции, меѓу кои и  враќање на покачувањето кое го добија со одлука на Уставниот суд.

Оптимизам за надминување на несогласувањата постои, што според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов е причина за верба дека сепак ќе се најде заедничко прифатливо решение.

„Се поблиску сме во поглед на тоа колкаво треба да биде усогласувањето на платите на вработените во јавниот сектор кое  и според Владата е потребно за да може од март 2025 г. да го добиеме тоа решение што ние како синдикати го бараме со години наназад а тоа е просечната плата да се пресметува како коефициент еден на сложеност на работните места“, вели Трендафилов во интервју за „Локално“.

Прашањето што доколку преговорите сепак не успеат, засега само „лебди“ во воздухот, но синдикатите се подготвени на сите механизми меѓу кои се и протестите.  Во оваа насока е и алармот на Трендафилов дека генералниот штрајк во јавниот сектор формално не е завршен и дека  може повторно да се активира.

Големи се очекувањата пред денешната средба. Колкави се отстапките кои сте   подготвени  да ги  направите и што доколку  сепак не се постигне договор?

-Аргументите на синдикатите се дека Владата треба да има предвид дека инфлацијата лани беше 14,2 %. Инфлацијата треба да биде основен параметар за усогласување на платите со цел работниците да не ја загубат куповната моќ и да не се случи нивните плати наместо да бидат зголемени да се намалат за 14,2 %. Дел од синдикатите тоа го дискутираа  и на друг начин што е исто така добро решение. Минималната плата лани беше зголемена за 12,5 %  и она што синдикатите со години го зборуваат е платите во државата да се усогласуваат со  минималната плата и тоа е  едно од можните решенија.

Трета опција што беше разговарана е дали просечната плата која лани се зголеми за 10,9%, треба да се земе како параметар а имајќи предвид дека во март 2025 г. токму просечната плата ќе биде основен параметар за единица коефициент за сложеност на работните места по која ќе се пресметува платата. Ние како синдикати сме отворени за дискусии но тоа што го напоменавме на седницата на ЕСС и на другите состаноци со владините претставници, како ќе растат платите на работниците така задолжително  да растат и на функционерите. Не треба функционерите да дозволат нивните плати зголемени за 78% дополнително да пораснат  за процентот договорен за вработените во јавниот сектор или со други зборови тоа што го бараме е, нивните плати да се вратат на ниво пред донесување на одлуката на Уставен суд.

Сите синдикати кои учествуваат во разговорите сметаат дека треба подеднакво да биде зголемувањето на платите на функционерите  и на вработените. Ако за вработените во јавниот сектор се утврди, платите да пораснат за 10.9%, за 12,55 % или за 14,2 %, усогласувањето да  биде исто за сите. Ова го говорам од причина што не треба да се дозволи 78 % зголемените плати на функционерите дополнително да се зголемат за 10,9 %  или за 14,2 %.

Тоа што сакаме да им го укажеме на владините претставници е дека во овој момент тие треба да бидат солидарни со работниците  и да покажат дека се со нив кога е најтешко и најпотребно и да се повлечат од таквата, според  нас, нечовечка и нелогична одлука на Уставниот суд. Кога зголемувањето ќе биде исто за двете страни ќе се покаже почитта едни кон други, работници со работодавачи или функционери со работници.

Како од друга страна ги коментирате изјавите на претставниците на Владата дека воопшто не станало збор за овој ваш предлог ?

-ЕСС е местото каде треба да се слушнат сите страни и верувам дека владините претставници многу добро го чуле тоа што ние им го укажавме и предложивме  но не треба да  не сфатат дека ние сме против нивните плати. Ние сакаме  да земат толку големи плати, но само доколку ни овозможат и ние да го добиеме истото, односно да добиеме повисоки плати за истиот процент. Ние не се противиме на 78 % поголеми плати туку на тоа само тие да добијат за 78 % повисоки плати.

Тоа што владините претставници го изјавуваат за нас е разбирливо, тое се политички изјави од функциоенри  но ние како претставници на работниците не смееме да си дозволиме политички изјави и да манипулираме со работниците во јавниот сектор. Нашиот пристап е искрен во насока на тоа што им е потребно на вработените во јавниот сектор. За жал не прочитавме ниту еден позитивен коментар на таквите изјави на владините функционери. Колку  што тие се борат да си ги сочуваат платите  и се обидуваат да и укажат на јавноста дека нивните плати се однесуваат на само 1060 функционери во државата, ако се солидарни, работниците уште утре би добиле по 1500 денари зголемени плати.

Потребно ни е солидарно решение, сметаме дека функционерите треба  да им помогнат на работниците и да им подадат рака бидејки во наредниот период ќе бараат подадена рака токму од работниците. Ако не се случи  тоа што го бараме, ќе биде доцна. Вработените во јавниот сектор очекуваат  да заврши тоа што го преговараме 3,5 години и од септемрви  да знаат за колку ќе бидат усогласени нивните плати ,  а колку наредниот септември, се до март 2025 г.

Дали се размислува за опциите во случај да не успее средбата. Дали се  протестите сеуште опција?

-Синдикатите и Владата треба да го искористат овој момент кој е позитивен за двете страни. Како никогаш досега има желба од сите страни, да се најде решение кое ќе значи зголемување на платите без никакво влијание. Тоа го направивме  лани со минималната плата а сметаме дека преку дијалог можеме и оваа. Се разбира, механизмите кои им стојат на располагање на синдикатите можат да бидат активирани во секој момент. Да потсетам дека генералниот штрајк во јавниот сектор формално не е завршен и може повторно да се активира таа одлука. Сите сме со подадена рака и мислам дека ќе ја искористиме и ние како синдикат претставник на работниците така и владините претставници.

Доколку се вратиме на втората средба на Економско социјалниот совет, дали може да ја оцениме како пропаднат обид?  

-Не пропадна било кој од обидите во процесот за преговори за Колективниот договор за јавниот сектор во делот за зголемување на платите. Важно е тоа што за многу кратко време одржавме неколку состаноци, а денеска е состанокот во Кабинетот на министерот за финансии што исто така е охрабрувачки потег. Сметам дека сме се поблиску во поглед на тоа колкаво треба да биде усогласувањето на платите на вработените во јавниот сектор кое и според Владата е потребно за да може од март 2025 да го добиеме тоа решение што ние како синдикати го бараме со години наназад а тоа е просечната плата да се пресметува како коефициент еден на сложеност на работните места и така да се елеминира можноста функционерите и директорите да влијаат на креирање на платите на другите вработени во министерствата или претпријатијата.

Најавивте жешко лето. Што ќе значи тоа во пракса?

-Денеска протестира судската служба пред судот Скопје 2, Скопје. Без разлика што се случува со преговорите за Општиот колективен договоро за вработените во јавниот сектор, вработените не се задоволни. Доколку не го добијат тоа за кое што во овој период се преговара и во следниот период низа институции, преку носење на одлуки на нивните тела, се подготвуваат да го продолжат процесот на протести а ако биде потребно и на штрајкови. Се разбира не е тоа случај само во јавниот сектор. Во приватниот сектор, пред некоја недела на пример, во комбинатот Фени вработените протестираа пред влезот на компанијата  за да укажат дека платите треба веднаш да се зголемат, дека платите  не се доволни за основните животни потреби. Не заборавајте дека до неодамна тоа беше компанија во која квалификувани работници сакаа да работат заради високи плати  а сега не е така. Таму каде имаме синдикати ги зголемивме платите прелу колективното договарање заедно со ОРМ, но има одредени работодавачи кои од разни причини не го прават тоа. Жешкото лето се одесува и на јавниот и на приватниот сектор доколку не бидат испочитувани барањата на работниците. Тие не бараат преку леб погача, туку секој денар што го заработиле и заслужил.

К.В.С.

Слични содржини