Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари телефонски разговор со новоименуваниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис.
Честитајќи му за именувањето на новата позиција, Османи изрази уверување дека и за време на неговиот мандат ќе продолжи стратешкото партнерство и плодната соработка со Грција, заснована на пријателство, меѓусебна доверба и разбирање.
Во фокус на разговорот беше билатералната соработка, при што беа реафирмирани заедничките заложби за унапредување на блиската соработка и одржувањето на позитивната динамика во односите и севкупната размена.
“Благодарни сме на Грција за цврстата и принципиелна поддршка за пристапниот процес за членство на нашата држава во Европската унија”, нагласи Османи, пренесувајќи ја убеденоста дека поддршката нема да недостига и во наредниот период, се до целосно и успешно завршување на европскиот интегративен процес.
Министрите разговараа и за најактуелните регионални и меѓународни теми, како и соработката во рамките на и ОБСЕ и Процесот за соработка во Југоисточна Европа, со кои претседава Северна Македонија.