До недела многу топло време, ослободени од работа ранливите групи граѓани

од Nikola Popovski
500 прегледи

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство за високите температури што се очекуваат во следните четири денови и усвои соодветни препораки.

Државата, како што извести Министерството за здравство, по добиени информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од утре, 13 јули 2023 година, ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза.

Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.

Поради тоа, почнувајќи од утре, 13 јули 2023 година (четврток) почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Согласно усвоеното, Владата препорачува:

-Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;

-Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

-Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, a
Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата одлучи:

-Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките; Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;

-Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 – 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.

Владата и надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури, со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.

Слични содржини