Дали е оправдано испраќањето касетни бомби во Украина: „Испораката не е мала, ѝ се дава можност на Русија да го користи истото оружје кое го има во изобилие“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Западните сојузници на Украина се уште се подготвени да ја поддржат со испраќање воена помош. Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски не доби ветување од Вашингтон за толку посакуваните борбени авиони Ф-16, САД во одлуката која предизвика бројни реакции порачаа дека ќе испратат нешто друго во Киев-касетни бомби. Употребата на ваква муниција е забранета со Конвенцијата од Осло потпишана од повеќе од 120 земји, но меѓу нив не се ниту Украина, ниту Русија, ниту САД. Касетните бомби се специфични по тоа што обично фрлаат многу помали бомби кои можат да бидат смртоносни на широк простор. Неексплодираните бомби можат да останат на земја со години, а потоа да се детонираат неселективно. За првпат се употребени за време на Втората светска војна, а во регионов се познати откако НАТО ги користеше во СР Југославија во 1999 година.

проф. Методи Хаџи Јанев

Универзитетскиот професор по безбедност, Методи Хаџи-Јанев во разговор за „Локално“ вели дека главниот проблем со касетните бомби е тоа што тие се во контрадикторност или поинаку кажано не можат да ги исполнат принципите на војување, конкретно пропорционалност и дистинкција.

-Со други зборови тие се опасни за цивилите бидејќи по нивната употреба голем дел од експлозивните полнења (заради што и се викаат касетни бомби) во некои случаи и до 40 % не експлодираат и остануваат да бидат расфрлани многу по прекинот на операциите или воените дејствија. На тој начин ненамерно, но и без контрола вие сте создале импорвизирано минско поле, кое за разлика од прописно поставените и во склад со воени упатства мински полиња нема шаблон-шема во која се предвидува точната локација, редоследот на поставување на мините, начинот на поставување и сл. Тоа пак само по себе ги прави екстремно тешки за разминирање или за уништување-демилитаризирање овие простори на кои општат цивили, порачува Хаџи Јанев.

Вели дека не е сигурен дали Украина бара директно или пак тоа е одлука за да ѝ се помогне во контраофанизвата и во контекст на воспоставување на каков таков баланс во поглед на арсеналот со оној кој противникот го има.

Професорот истакнува дека во оваа војна Русија диктира борбен ритам кој и одговара на нејзината доктрина, која е прилагодена на нејзините капцитети.

-Тоа е масовност во секој поглед, особено во артилериски дејствија. Западната помош е ограничена од причина што целиот пристап на Западот е изграден врз либералните вредности и претпоставка дека тие вредности ќе се почитуваат и за време на војувањето. Тоа е да имате поголема прецизност и поголема заштита за учесниците во вооружениот конфликт. Арно ама проблемот е во тоа што производството на овие материјални технички средтсва и муниција чини многу повеќе, а дополнително на тоа е и проблемот со либералната логика и претпоставака дека класични и конвенционални војни би имало ретко или веројатноста од тоа е многу мала. Тоа влијаеше на фактот да голем дел од наменските индустриски капацитети бидат редуцирани како не профитабилни бидејќи беа гледани во комерцијална смисла не во смисла на националната безбедност. Да не се разбереме погрешно, не е дека западот нема капацитет или знаење да го реставрира сето тоа, Едноставно нема време. Да сумирам, Русија наметна борбен ритам во кој масовноста или квантитетот го совладува квалитетот, оценува соговорникот.

Според него, касетните бомби оттука треба да ја зголемат оперативната ефективност на офанзивните и јуришните операции кои треба да ги пробијат неколкте линии на одбрана кои Русите успеаа да ги воспостават.

-Пред тие линии на одрбана Русите воспоставија т.н. сива зона во која имаат голем број на инижинериски запречувања кои се бранат од дистанца, артилериски оган и воздуѓна поддршка. Украинската против водзушна одбрна засега гледаме дека нема одговор на овв надмоќ и тоа се покажа кобно. Касетната муниција, би требало да го зголеми ефектот врз целта, било да станува збор за полнења кои имаат расрскувачки ефект-неутрализирање на жива сила на отворено или во лесен оклоп или бризантен ефект за пробив на оклоп и уништување на жива сила преку ударен бран на експлозивот. Со оглед на тоа дека Украинците засега се стигнати само до сивата зона или само во делови до првите линии на одбраната барем според информациите кои се достапни, ваквата муниција треба да биде ветер во грб за ефектот и воедно компензација – контратежа за масовноста на класичните артилериски зрна кои Русите ги користат на дневна основа, анализира Хаџи Јанев.

За тоа каков ефект ќе имаа одлука врз војната, универзитетскиот професор вели дека што и да се каже, може да биде проблематично.

-Во секој случај сметам дека ова може да ѝ даде на Русија за право и таа да ја користи истата ако се знае дека таа го има овој арсенал во изобилие. Сепак, може да има и други пресметки за кои барем во моментот немаме информација кои би можело да влијаат врз исходот и одлуката за употреба на овој вид на муниција, укажува експертот.

Сепак додава дека, проблемот со испораката на ова оружје е три насочен.

-Прво, испорката воопшто не е мала. Но проблемот е со прагот на толеранција кој либералниот свет го има за употреба на сила. Тој како што гледаме е отиден далеку кон минимумот и сега кога се соочувате со непријател кој има поинакви перцецпии и интерпретации на нештата работите се менуваат. Особено ако тој противник е некој кој е силен да се носи со тоа. Значи ова не е сојузна Република Југославија, Ирак или Либија. Станува збор за држава со сериозни капацитети. Можеби не се нај организирани како што сме мислеле ама сепак се капацитети, кои ги надминуваат неколкукратно капацитетите на европските држави. Вториот проблем е што испораката е временски лимитирана. Или таа се дава во порции. Едно е целото количество на муниција и опрема да биде испорачано одеднаш, друго е да го добивате на рати. Тука околу испораката е што Украина е сепак шампион оти внимавајте се што се испорачува или најголемиот дел е со западен префикс или поинаква платформа од онаа на која украинските сили на отпорот имаат градено капацитет, ни кажа Хаџи Јанев.

Меѓу другото истакнива и дека смената на системите бара дополнителна адаптација и тоа пак е врзано со време.

-Ерозијата на капацитетите во војна и дополнителен по- фактор на сето ова бидејќи добар дел од капацитетите кои се изградени кај оние сили кои сте ги спремиле можеби се надвор од борбен строј -или се жртва на еден или др начин, или се во оперативен одмор.

Трета работа е што од целото ветување и кажаните бројки само дел е во Украина. Административните бариери и дополнителни билатерални пречки, да не споменуваме неутралноста на Швајцарија и Австрија се фактори кои исто така влијаат на целиот исход, заклучува професорот.

Н.П.

Слични содржини