Петрески: Успешните компании треба да придонесат за ублажување на последиците од кризите

од Vladimir Zorba
658 прегледи

Успешните компании треба да придонесат за ублажување на последиците од кризите, дециден е универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Водејќи се од целта, бенефитот од пазарните движења да стигне до поширокото општество, добро е, вели тој во кусото интервју за „Локално“, во вакви околности да се воведе данокот на екстра профит.

Илузија според него е дека со даночната реформа ќе се сузбие сивата економија.

„Квантитативните анализи велат дека сивата економија се намалува кога даночното оптоварување е помало и кога инспекцијата при прибирањето на даночните приходи е постојана, неселективна и соодветно насочена кон точките кои кријат најголем потенцијал“ , објаснува Петрески.

Смета дека има простор за ребаланс на буџетот, за да се изменаџира зголемувањето на платите во јавната администрација , но проблемот вели тој не е од каде ќе се најдат средства за тоа туку што ќе се постигне со тоа. 

„Неопходна е особена внимателност бидејки пораст на платата на поголем контингент вработени одеднаш, може да има продолжен ефект врз инфлацијата. Фокусот мора да биде врз порастот на продуктивноста, односно како да произведеме поголема вредност, па потоа ќе биде полесно за изведување прашањето за распределба на таа поголема вредност преку платите и даноците“, објаснува Петрески.

Таканаречениот солидарен данок отвори многу полемики во јавноста. Државата не се откажа од него по реакциите на стопанствениците и сега на потег се пратениците. Зошто според Вас е добро да се воведе ваков данок? Дали и што лошо може да им донесе на успешните компании за кои ќе се однесува новото даночно решение?

Во 2022 г. имавме значително зголемување на цените на прехрамбените производи и на енергијата на светските пазари , што придонесува фирмите кои нив ги произведуваат и/или преработуваат, да остваруваат вонредно високи профити. Остварувањето профит само по себе , не е спорно во капиталистички систем и лично се оградувам од повремени коментари во јавниот дискурс кои ги анатемизираат профитите и бизнисмените , меѓутоа поентата на данокот на екстра профит е преку секундарната редистрибуција, да се обезбеди, бенефит од таквите пазарни движења да има поширокото општество а не само акционерите.

Значи добро е да се воведе данок на екстра профит во вакви околности, односно кога се остваруваат високи профити поради пазарната коњуктура, а не поради фактори специфични за фирмата.

Сепак валидна е дебатата дали со начинот на кој е конципиран, предлог законот го фаќа токму тој момент. Може да се тврди во одредена мера дека од една страна ќе бидат зафатени фирми кои оствариле вонреден профит како резултат на свои специфични фактори ( претходни инвестиции, ефикасност и тн.) а од друга страна ќе бидат изоставени фирми кои во континуитет имаат високи профити вклучително и поради пазарната структура , но кои нема да потпаднат под овој данок бидејќи нема да го исполнат условот за пораст на профитот  20 % над просекот од претходните години.

Вториот важен момент е што законот се носи ретроактивно, што секако не е добра пракса и реакциите на бизнис секторот се тука оправдани. Ние во овој момент да дискутираме и да донесеме закон за екстра профит за 2024 г. би било сосема во ред , бидејќи овозможува целосна предвидливост и можност за адекватно планирање.

Дали и во колкава мера даночната реформа помага во сузбивање на сивата економија и корупцијата?

-Илузија е дека сивата економија ќе се адресира со интервенции кај даночните ослободувања. Мислам дека концептуално е добра консолидацијата на даночните ослободувања во насока на правичност и ефикасност, меѓутоа не очекувам дека тоа е на значаен начин поврзано со сивата економија. Квантитативните анализи велат дека сивата економија се намалува кога даночното оптоварување е помало и кога инспекцијата при прибирањето на даночните приходи е постојана, неселективна и соодветно насочена кон точките кои кријат најголем потенцијал . Ако не сакаме да ги намалуваме даноците , а за тоа во Македонија немаме простор, тогаш мора да работиме на овој втор елемент.

Владата најави ребаланс на буџетот во септември што ќе биде прво прекројување на државнат каса а основната причина според министерот Бесими е новото зголемување на платите во јавниот сектор.Од каде ќе се најдат пари? Дали и овој пат ќе настрадаат капиталните инвестиции?

Рано е да коментирам детали за ребалансот бидејќи е потребна подлабинска анализа како и евентуално понатамошни информации кои треба да ги соопшти Министерството за финансии. Простор во буџетот постои, бидејќи за првите пет месеци , буџетскиот дефицит е реализиран со 35 % , а капиталните инвестиции со 33 %. Ако сметаме пропорционално тогаш овие проценти ке требале да бидат поголеми.

Значи тука постои простор да се менаџира зголемувањето на платите во јавната администрација без тоа да резултира евентуално со поголем дефицит. Проблемот не е толку во изнаоѓање средства за зголемувања кај одредени ставки, туку што со тоа би се постигнало. Прво, во ред е да се зголемат платите во јавната администрација за да се сочува животниот стандард на вработените во услови на растечки цени. Сепак, неопходна е особена внимателност бидејки пораст на платата на поголем контингент вработени одеднаш, може да има продолжен ефект врз инфлацијата.

Второ она што повеќе ме загрижува е што постојаната дебата и фокус во јавниот дискурс врз платите, ги подгрева притисоците за пораст на платите од разни страни и во повеќе општествени сегменти. Посебно во јавниот сектор, иако и со генерална важност, фокусот мора да биде врз порастот на продуктивноста, односно како д апроизведеме поголема вредност, па потоа прашањето за распределба на таа поголема вредност преку платите и даноците ќе биде полесно за изведување.

К.В.С.

Слични содржини