Министерот за економија Крешник Бектеши во рамки на официјалната посета на Вашингтон оствари билатерална средба со Американскиот помошник државен секретар за енергија Џефри Пајат.
На средбата, со фокус на енергетските проекти и енергетско поврзување на регионот присуствуваше и директорот на НОМА Гас, Бајрам Реџепи.
Министерот Бектеши изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет, пред се во делот на зголемување на енергетска независност на државата и диверзификација на изворите за снабдување со енергенси.
Министерот Бектеши го информираше Пајат за напорите кои што ги прави Владата за намалување на зависноста од руски гас, каде со поддршка на САД и ЕУ минатата година државата успеа да обезбеди дополнителни капацитети во единствениот гасовод кој што го имаме со Бугарија.
Што се однесува до гасниот интерконектор со Грција, министерот Бектеши и директорот Реџепи го информираа помошник државниот секретар Пајат дека завршуваат сите подготовки и постапки за изградба на овој интерконектор за што се очекува за краток период да биде објавен тендерот за избор на изведувач на градежните работи.
Министерот исто така информираше за иневстиции во обновливи извори на енергија и од домашни и од странски инвеститори во државата за што има голем интерес и кажа дека Северна Македонија е силно посветена на зголемување на производството на зелена енергија.
Двајцата соговорници се согласија дека Владата треба засилено да продолжи со енергетската транзиција која ја започна како и со инвестиции за регионалното енергетко поврзување.