Руското државно обвинителство во четвртокот побара 20-годишна затворска казна за опозицискиот политичар Алексеј Навални во казнена колонија под обвинение за екстремизам, пишува ТАСС.
Новинската агенција го цитира адвокатот дека пресудата треба да биде изречена на 4 август.
На Навални му се суди зад затворени врати од минатиот месец во казнената колонија ИК-6 во Мелехово, лоцирана на околу 235 километри источно од Москва. Тој таму веќе отслужува вкупно 11 и пол години затвор за наводна измама и други обвиненија за кои тврди дека се политички мотивирани.
Најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин се соочува со нова серија обвиненија за кои, исто така, тврди дека имаат за цел да го избришат од рускиот политички живот.
Судските записи покажуваат дека обвиненијата се однесуваат на шест члена од рускиот кривичен законик, вклучително и поттикнување и финансирање на екстремистичка активност и создавање екстремистичка организација.
Русија ја забрани организацијата на Навални како дел од задушувањето на отпорот пред руската инвазија на Украина, која се интензивираше во текот на изминатите 17 месеци агресија.
Кремљ негира дека го гони Навални и вели дека неговиот случај е работа на судот.