Пендаровски: Дијаспората треба да продолжи да лобира за европска интеграција на С.Македонија

од Nikola Popovski
288 прегледи

Независноста на државата, демократијата и мултиетничкиот соживот се трите најголеми достигнувања на Република Северна Македонија, а во секое од нив значаен удел има и дијаспората, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на првиот симпозиум што во Скопје го организира Обединетата македонска дијаспора.

Најголемата инвестиција што може дијаспората да ја направи во татковината не се финансиски средства, иако се важни. Најголемата инвестиција што ја носат припадниците на дијаспората се евроатлантските демократски вредности и принципи на работа, културата на почитување на законот и претприемачкиот дух. Неспорен факт е дека голем дел од придобивките и добрите практики што ги имаме се донесени токму благодарение на нашите сонародници, желни да ја видат својата татковина успешна и развиена. Само со помош на дијаспората и со заеднички напори на сите Македонци ширум светот ќе успееме да ја постигнеме целта и да изградиме држава која гордо ќе ја нарекуваме наш заеднички дом, рече Пендаровски.

Според неговите зборови, дијаспората лобирала за признавање на независноста на државата, за воспоставување дипломатски односи со многу земји во светот и за активирање на билатералните односи „меѓу нивната прва и втора татковина“.

И денес вие, припадниците на дијаспората, продолжувате да ги застапувате нашите интереси, да ги отворате вратите за билатерална соработка и да придонесувате за меѓународна афирмација на државата. Тоа го потврдуваат и младите кои се дел од програмата „Родени во Македонија“ и кои во последните две недели стажираат во повеќе македонски институции и компании, рече Пендаровски.

Тој ги повика претставниците на дијаспората да продолжат да лобираат за заокружување на евроинтеграциите во земјава, да воведат добри деловни практики, да кофинансираат проекти за развој и општествена одговорност.

Токму оваа тријада на геополитичка безбедност, правна сигурност и економска одржливост е најголемата гаранција дека ќе постигнеме многу поголем економски развој, поголема доверба во институциите и што е многу, многу важно, драстично помало иселување на младите, кажа Пендаровски.