Русија си дава за право „силно да одговори“ на нападите со беспилотни летала врз Москва и анектираниот полуостров Крим во понеделникот, кои ѝ ги припишува на Украина, објави руската дипломатија.
„Ние ги гледаме овие настани како нова употреба на терористички методи од страна на украинските политички и воени лидери за да го исплашат цивилното население“, се вели во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
„Зад овие дрски чинови на украинските неонацисти стои желбата на Западот да ја влоши ситуацијата (во украинскиот конфликт)“, додава руската дипломатија, најавувајќи дека ќе ги „пронајде и казни“ сите виновници.
Извор од украинското министерство за одбрана, кој сакал да остане анонимен, потврди за АФП дека нападот врз Москва го извршила ГУР, воената разузнавачка служба.
Руската војска соопшти дека соборила две украински беспилотни летала кои паднале без да предизвикаат жртви, едното во близина на руското министерство за одбрана, а другото во трговски центар на југот на Москва.
Во нов украински напад со беспилотно летало во понеделникот, погодено е складиште за муниција на Крим, во областа Жанкој, на северот од анектираниот полуостров, изјави рускиот гувернер Сергеј Аксјонов.