Моите информации се дека уставните измени нема да поминат, бидејќи самиот начин на кој е донесен предлогот во Собрание зборува за тоа дека на владеачкото мнозинство не му е умот во тоа дали ќе поминат уставните измени, туку да ја стави опозицијата на искушение и тоа да има влијание врз наредниот изборен резултат, вели во интервју за „Локално“, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
За здружувањето на албанската опозиција во еден заеднички блок, Гаши вели дека мора да се воздигнат над личните, партиски и други интереси и да се обединат не само за уривање на корумпираната ДУИ, бидејќи како што истакнува, тоа веќе станува најмалиот проблем, туку за спасување на иднината на децата и младите, кои чекаат од нив обединување, одлучност и политичка понуда.
Порачува дека и да има некое влијание од Исток, како од Русија или Кина, за спречување на евроинтеграцискиот процес, тоа не треба да не заплаши, бидејќи нашето општество е цврсто определено за западниот курс.
Идентитетот на секој народ може да се загрози само од припадниците на тој идентитет. Со „францускиот предлог“ ниту се загрозува, ниту се засилува македонскиот идентитет. Македонците се посебен народ, со свој јазик, свое писмо и култура независно од тоа како тоа се перципира од другите. Јас мислам дека нема потреба за никакви декларации, бидејќи таквиот начин на однесување покажува инфериорност и слабост, оценува претседателот на Алтернатива за поднесената Декларација на СДСМ до Собранието во однос на Илинден.
За борбата со корупцијата и излезот од лошата ситуација, Гаши смета дека е потребно целосно редефинирање на правосудниот систем под покровителство на правните институции на САД и Европската унија.
Се друго, за жал, е само губење време и глумење на борба против корупцијата, порачува лидерот на Алтернатива.
Какви се вашите очекувања од здружувањето на албанската опозиција? Дали е тоа доволно да се урне „вечната” ДУИ?
-Албанската опозиција во Република Северна Македонија е политички фактор кој не може да биде рамнодушен кон севкупните државни и национални интереси. Знаеме дека евроинтеграцискиот процес тапка на место, а владата е во трагање на „дежурен виновник“ на место да трага за начини како да се унапреди овој процес, како да најде сојузници и поддржувачи. Од друга страна, во албанскиот политички кампус секој ден гледаме коруптивни афери на највисокиот врв на албанската владејачка партија, додека нивни функционери веќе се ставаат и во американската црна листа токму поради криминал и корупција.
Сето ова нè принудува да се воздигнеме над нашите лични, партиски и други интереси и да се обединиме не само за уривање на корумпираната ДУИ, бидејќи тоа веќе станува најмалиот проблем, туку за спасување на иднината на нашите деца и млади, кои чекаат од нас обединување, одлучност и политичка понуда. Во спротивно, нивните соништа ги гледаат во иселување.
Затоа, сметам дека штом ние успеавме да си подадеме рака еден на друг, кулата од карти на корупција и криминал – ДУИ – е веќе срушена и на повидок е нова победа и нови предизвици.
Комисијата за уставни прашања го прифати предлогот за уставни измени, седницата ќе се одржи на 18 август. Кои се вашите очекувања, ќе поминат ли уставните измени?
-Моите информации се дека уставните измени нема да поминат, бидејќи самиот начин на кој е донесен предлогот во Собрание зборува за тоа дека на владеачкото мнозинство не му е умот во тоа дали ќе поминат уставните измени, туку да ја стави опозицијата на искушение и тоа да има влијание врз наредниот изборен резултат. Добрите политичари мислат за наредните поколенија, а слабите мислат само за наредните избори. За жал, во нашата влада имаме сами политичари од втората категорија.
Што се однесува на нашиот став околу уставните измени, за конечниот начин на гласање на нашите пратеници ќе одлучат партиските органи, но фактот што владата не го зеде во предвид нашиот предлог за уставниот амандман за борба против корупција или пак не сакаше ниту да слушне за доследното именување на албанскиот јазик во Уставот и отстранување на навредливиот еуфемизам 20%, е доволен показател за пристапот кој го има оваа влада кон уставните измени и, воопшто, кон интеграцискиот процес – не сака меѓуетничка кохезија, не сака борба против корупцијата, а во меѓувреме глуми европска интеграција. Останува на 18-ти август ова да се потврди.
Што ја очекува земјава во следниот период доколку тие не поминат? Очекувате ли одвојување на Албанија од процесот на преговори? На кратко, каква иднина има земјава со уште еден замрзнат конфликт, налик оној што ја оптоваруваше земјава со Грција?
-Јас би сакал да поминат и ние да го продолжиме нашиот интеграциски пат. Сепак, тоа не зависи од нашиот број на пратениците. Ако зборуваме хипотетички, макар да тоа е начин на кој може најдобро да се згреши, во случај да не поминат уставните измени, нема веќе никаква смисла да продолжи оваа кревко мнозинство, па затоа ќе мора да одиме на нови избори, за изнаоѓање на решение за евроинтеграцискиот процес. За тоа како ќе наликува тој пат за Албанија и за другите земји, мислам дека не треба да се оптоваруваме. Ние само ѝ посакуваме среќа на Албанија и на сите други земји од Западен Балкан. Ако може да не бидам скромен, за мене е гордост што со нашиот влез во владата во 2021-ва година успеавме да помогнеме за добивање на датум за преговори за Северна Македонија и Албанија.
А во однос на тоа каква би била нашата перспектива без евроинтеграција, би се воздржал од коментар, бидејќи јас во никој случај не можам да замислам такво сценарио. Ама, бидете сигурни би било мрачно.
Актуелен е предлогот за декларацијата за Илинден, која ја предложи владејачката партија. Мицкоски вели дека доколку не е загрозен идентитетот, вакви декларации воопшто не би биле потребни. Загрозен ли е идентитетот на Македонците со „францускиот договор” и последователно со уставните измени?
-Идентитетот на секој народ може да се загрози само од припадниците на тој идентитет. Со „францускиот предлог“ ниту се загрозува, ниту се засилува македонскиот идентитет. Македонците се посебен народ, со свој јазик, свое писмо и култура независно од тоа како тоа се перципира од другите. Јас мислам дека нема потреба за никакви декларации, бидејќи таквиот начин на однесување покажува инфериорност и слабост. Утре, кога ќе бидеме дел од Европската унија, сите ние ќе се смееме сами на себе за настојувањето на вакви теми, кои тогаш нема да бидат нималку значајни. Според сите прогнози, сите ние – народите од Западен – сме загрозени од иселувањето и исчезнувањето на умот и интелектуалниот потенцијал од нашите краеви. За младите, по некои 15-20 години, ќе биде помалку значајно на каков јазик ќе зборат, бидејќи глобализацијата го прави своето. Англискиот станува лингва франка на светот.
Како и да е, ги повикувам Македонците и македонските партии да се ослободат од стравот за губење на идентитетот, бидејќи тоа е само фикција.
Доста се зборува за „руско мешање” на процесите на Балканот, па и во овој критичен момент во кој се наоѓа С.Македонија. Гледате ли улога на русите во процесот за уставни измени?
-Мислам дека борбата против Русија и руските сили помалку станува како борба со ветер. Секако дека секоја поголема и посилна држава настојува да го прошири своето влијание и своите политики, но да не заборавиме дека ние сме веќе под безбедносната капа на НАТО. И да има некое влијание од Исток, како од Русија или Кина, за спречување на евроинтеграцискиот процес, тоа не треба да не заплаши, бидејќи нашето општество е цврсто определено за западниот курс. Ова особено ви го тврдам за Албанците, кои не гледаат и нејќат да гледаат никаква друга опција, освен интеграцијата во ЕУ. Затоа, освен стратешка цел од економски, политички, вредносни и културни размери, интеграцијата во ЕУ е клуч за домашната стабилност и внатрешната кохезија. Русите имаат доволен ангажман во Украина. Ние си го знаеме нашиот пат.
Црната листа на САД се зголемува, веќе има и едно име од ДУИ на неа. Очекувате ли нови имиња во следниов период до избори? Досега како во ДУИ да немаше криминал…
-Јас не можам да судам што ќе одлучи американската администрација, но дека во ДУИ има висока корупција и криминал тоа веќе станува стара вест. Секако не мислам дека градоначалникот на Струга е единствениот, дури тој можеби е од пониската класа на корумпираните челници на ДУИ. Но, бидејќи таа партија има повеќе механизми в рака, како во судството, така и во обвинителството, а Државната комисија за спречување на корупцијата не успеа да ги потврди таквите наоди, тоа го направи Американскиот стејт департман. Како и да е, ако судиме според наши информации за поврзувањето на ДУИ со корупцијата, на таа црна листа би требало да бидат уште многумина од самиот врв на ДУИ, кои сериозно го заслужуваат тоа. Всушност, за албанскиот гласач тие одамна се на листи на корупција и криминал, иако успешно се криеле и заштитиле, а дали САД ќе ги стави и на својата листа, за тоа не можам да прејудицирам. Но фактот, дека нивниот градоначалник е ставен на таа листа, доволно зборува за каква партија зборуваме.
Борбата со корупцијата е тешка тема за секој политички чинител во земјава и пораките од западните партнери се заоструваат. Каде гледате излез од катастрофалната ситуација?
-Свесни за фактот дека корупцијата е единственото што цути во Северна Македонија, ние сме единствената политичка партија што сме се залагале посебно за борба против оваа општествена чума. За таа цел ние додека бевме дел од владата предложивме уставен амандман кој ќе ги санкционира делата поврзани со политичка корупција, да не застаруваат никогаш. Но, ете, на дневен ред се уставните измени, а тој предлог го нема. А дека сме во право ни потврди и случајот со застарување на предметите на Сашо Мијалков. Но, изгледа дека владата се плаши од нашиот предлог, бидејќи стравува дека утре може да ги погоди и нив, па затоа воопшто не изреагира на нашиот предлог. Во меѓувреме Мијалков беше ослободен токму на таков начин и во недостаток на одредба која ги штити таквите предмети од застарување.
Кога имате ваква влада и вакви политички партии, на кои борбата против корупцијата им е само слоган што го користат само да им се допаѓаат на странците и кога немаме речиси никаква сериозна домашна борба против корупцијата, според мене е потребно целосно рестартирање или, со термини на Алтернатива, целосно редефинирање на правосудниот систем под покровителство на правните институции на САД и Европската унија. Се друго, за жал, е само губење време и глумење на борба против корупцијата.
Би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ доколку партијата на Мицкоски победи на следните избори, што според анкетите е доста веројатно?
-Ние не ги бираме партнерите по име или боја, туку по програмски определби и политички договори за соработка. Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на следните избори и ако ние имаме покана за здружување во извршната власт, ќе треба да зборуваме за тоа кој ќе биде начинот на владеење, која ќе биде владината програма, кои ќе бидат роковите и кои се ќе бидат гаранциите дека договореното ќе се имплементира. Тек тогаш ќе одлучиме.
В.З.