Ахмети ги најави оставките на функционерите од ДУИ, ќе стапат на сила кога опозицијата ќе гласа за уставните измени

од Nikola Popovski
347 прегледи

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска објави дека министрите и владините функционери од редовите на неговата партија поднесоа оставки од функциите кои во моментов ги извршуваат. Во писмото што Ахмети го достави до премиерот Димитар Ковачевски, стои дека оставките треба да важат веднаш штом опозицијата ќе гласа за уставните измени.

Во писмото се наведува дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви, со оглед на барањето на опозицијата дека би гласале за уставните измени доколку ДУИ излезе од Владата.

-Ценејќи дека нашата земја, Република Северна Македонија е во критична фаза за нашата европска иднина, имајќи ја предвид важноста на интеграцијата како политичка организација во последните 20 години, ценејќи дека големите одлуки бараат одговорност и политички, национални и државни жртви од секој од нас, тргнувајќи од условот на опозицијата дека ќе гласаат за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата, Истите кои се легитимно избрани по волја на албанскиот гласач, свесни за надежите и соништата на луѓето да станат дел од големото европско семејство, бидејќи Демократската унија за интеграција и јас остануваме посветени на утврдувањето дека евроатлантските интеграции, со целосни права на државата, освен во НАТО, исто така и во Европската унија, како и непрекинатото сојузништво со Соединетите Американски Држави, имаат беа, се и остануваат најголем интерес на сите наши граѓани, без разлика на нивната национална и верска припадност Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат! Оставките, г. Премиере, материјализирајте ги автоматски во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставни измени, стои во писмото на Ахмети до Ковачевски.

Уште претходно од ДУИ најавија дека ќе се повлечат од власта до следните избори, доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов за продолжување на преговорите на Македонија со ЕУ.

Централното претседателство на ДУИ пред месец и половина информираше дека се прифаќаат предусловите кои се упатени кон нив со цел да има промени во Уставот и почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Историскиот момент пред кој се наоѓа државата како можност за брзо членство во ЕУ пред сè создадена со геополитичката случувања со војната во Украина. Големата свесност на ЕУ за Западен Балкан и брзата трака која се појавува како шанса. Повикувајќи се на консензуалната потреба на луѓето, без разлика на припадност, за подобар животен стандард, за можност за задржување на луѓето овде, за брза трака за членство во ЕУ наредните години, Централното претседателство ја реафирмираше консензуално и одлучно првичната одлука којашто ја претставивме веднаш после средбата на претседателите на политичките партии – дека ДУИ е спремна истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата, доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени, рече на почетокот на месец јуни, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

После лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски, СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прифати со услов – без ДУИ. ДУИ ја прифати ракавицата, ама само до избори. Разликите се во деталите, кога и како да се гласа во Собрание за уставните измени и од кога да стапат во сила.

Слични содржини