На грчкиот остров Хиос, кој се наоѓа во Егејското Море во близина на територијата на Турција, синоќа избувна пожар во шумска област недалеку од селото Катавасис, северозападно од градот Хиос, кој набрзо зафати големи пропорции.
Околу еден час по полноќ, на жителите на селата Диеика и Катавасис им била испратена порака да се евакуираат во Волисос, јави грчката државна телевизија ЕПТ.
Во раните утрински часови во гаснењето на пожарот учествуваа пет авиони и четири хеликоптери, од кои едниот се користи за координација на операциите за гаснење на пожарот.
На терен се вкупно 90 пожарникари, од кои 10 пожарникари пристигнаа со брод од островот Лезбос и 27 пожарникари кои долетаа од Атина, поддржани од 18 противпожарни возила.
Според грчката телевизија позитивно е тоа што запрел силниот ветер, што им ја олеснило работата на противпожарните единици, пренесува „Танјуг“.