Најмалку четворица загинати и 43 повредени во напад на родниот град на Зеленски (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
265 прегледи

Најмалку четири лица загинаа, а 43 се повредени во руски напад на станбена зграда во Криви Рих, во централна Украина, според извештајот на украинското министерство за внатрешни работи, а проруските власти во Доњецк исто така пријавиле загуби во нивните редови.

„Русите го погодија градот со две ракети, од кои едната уништи неколку ката од станбена зграда“, напиша министерот Игор Клименко во пораката на Телеграм. „Четири лица загинаа, а 43 се повредени“, рече тој во новиот извештај напладне, додавајќи дека тројца жители се спасени, а 30 се евакуирани.

„Овој терор нема да не заплаши, ниту да не скрши“
Меѓу загинатите има и десетгодишно дете, изјави гувернерот на регионот Дњепропетровск, Сергеј Лисак. Вториот проектил ја погодил зградата на образовна установа, изјави министерката за внатрешни работи.

„Удрија во станбени згради, универзитетска зграда, раскрсница. За жал, има мртви и повредени. Можеби има луѓе под урнатините“, коментираше на Фејсбук украинскиот претседател Володимир Зеленски, осудувајќи го „рускиот тероризам“.

Зеленски израснал во тој град, познат по производството на челик, кој пред војната имал околу 600.000 жители.

„Овој терор нема да не исплаши, ниту да не скрши. Ние работиме и го спасуваме нашиот народ“, напиша тој на Телеграм.

Службите за итни случаи се на терен и го гаснат пожарот и се обидуваат да ги пробијат урнатините, соопшти министерството.

Слични содржини