СДСМ заедно со политичките партии од коалицијата иницираат Манифест на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ.
Како што велат, овој Манифест е на линија на политиките на СДСМ и е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ.
Затоа, време е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ. Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните, велат од СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека во Манифестот е јасно наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија
Исклучително важно за македонскиот народ, започнавме преговори со Унијата со заштитен и признаен македонски јазик и идентитет. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ. Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето овој Манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување. Како што покажавме обединетост и во 2018 година го обезбедивме членството во НАТО, сега повторно да се обединиме и да обезбедиме членство во ЕУ, стои во соопштението од СДСМ.
Иницијатори на Манифестот се политичките партии:
Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ),
Демократската Унија за Интеграција, (ДУИ), Алијанса за Албанците (АА),
Либерално-демократска партија (ЛДП),
Нова социјал-демократска партија (НСДП),
Демократска Партија на Албанците (ДПА)
Партија за движење на Турците (ТХП),
Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП),
Демократска обнова на Македонија (ДОМ),
ВМРО- Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП), Српска странка во Македонија.