Ново разбранување на политичката сцена во државата предизвика Манифестот на владеачката коалиција предводена од СДСМ и ДУИ. Документот е поврзан со преговорите за полноправно членство во ЕУ. И додека 12-те партии кои застанаа позади него велат дека е добра основа за градење единство околу европската иднина на земјава, ВМРО-ДПМНЕ не го менува ставот и порачува дека со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус. „Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле Манифест со повик до ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ“. Со ова, како што велат во ВМРО-ДПМНЕ, тие покажуваат отсуство на целосен капацитет за градење консензус. Иако го коментираат, од партијата на Христијан Мицкоски велат дека се уште не го добиле и не го виделе Манифестот, па откако ќе го разгледаат можат да се изјаснат околу него.
За новинар и познавач на состојбите, Зоран Иванов, Манифестот на владеачките партии е гест на добра волја. Во разговор за „Локално“ вели дека претставува уште еден обид да се одоброволи инаетливата опозиција, да запре малку со уцените и да се поттурне земјава кон ЕУ.
Ова од друга страна, може да се разбере и како обраќање до македонската јавност да ја согледа кооперативноста на авторите на документот и нејзиниот кооперативен однос спрема опозицијата. Секако, власта ќе сака прогласот да стаса и до меѓународната заедница пред која исто така владејачките партии сакаат да ја манифестираат добрата волја да соработуваат со опозицијата на важното и актуелно ЕУ интегративно прашање, оценува Иванов.
Околу ставот на најголемата опозициска партија, новинарот истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ од секогаш била партија на „не“.
Но овој пат тоа, мислам, не е случај. Колку што разбрав оставија простор да го добијат прво документот па официјално да се изјаснат. Сепак, овој пат можеби со право, во првичната реакција изразија незадоволство што власта документот прво го објавила јавно, а дури потоа ќе го доставела до опозициските партиски субјекти. Како и да е, не очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати овој проглас на власта, смета Иванов.
Гласањето за уставните измени се приближи, а со тоа и можноста за обединување и оставање на партиските интереси на сметка на државните. Според Иванов, ова е вистинско време за меѓупартиска согласност за уставните корекции. Македонија оваа шанса не смее да ја испушти и мислам дека и во опозицијата тоа многу добро го знаат.
Но, пуста власт, важен е буџетот, а ова е шанса да се испровоцираат избори за што побрзо тој да се запоседне, а кај нас, по правило, кој го има буџетот, тој е стопанот на државата. Но се уште сме далеку од елементарна политичка култура, од политички амбиент во кој ќе доминираат општите, а не партиските интереси. Конкретно за уставните измени, сепак е можно, секако со помош на странците посредници, да се најде некакво решение за да поминат уставните измени и земјава да ги почне преговорите во практична смисла, подвлекува соговорникот.
Што стои во текстот на Манифестот?
Најголемата владеачка партија соопшти дека Манифест е во согласност со нивните политики и дека со него парламентот ја дефинира рамката на позициите по кои мора да постапат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ.
Стои дека преку овој Манифест, сите лидери на политичките партии се обврзуваат да се заложат да ги завршат пристапните преговори во најкус можен рок, притоа целосно да ги штитат идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.
Со предлогот на Манифестот, партиите изјавуваат дека ќе се заложат за реализација на сите обврски кои произлегуваат од политичките критериуми за членство во ЕУ, меѓу другото во однос на унапредување на добрососедските односи, заштитата на основните човекови права, правата на заедниците, но и усогласувањето. на националното законодавство со законодавството на ЕУ со акцент на владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на демократските институции.
За ова, како што се вели во манифестот, политичките партии во Собранието, без разлика на составот на владејачкото мнозинство, се залагаат за соработка, како и за водење на преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно, за да може најшироката јавност да го каже своето мислење за условите за членство во Европската Унија.
Документот, исто така, ја обврзува Владата доследно да се придржува до определбата за безусловно почитување на јазикот, идентитетот, историските и културните карактеристики на заедниците како елементи за кои не може да се преговара со Европската унија, наведувајќи дека нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од оној наведен во Преговарачката рамка.
Парламентот мора да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за завршување на почетната фаза од преговорите, без дополнителни одлуки на земјите-членки.
Во текстот на Манифестот објавен во медиумите се истакнува и дека останува отворен за широка јавна поддршка.
Н.П.