Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити утрово одржал консултација со членовите на Комисијата за заразни болести, каде се анализираше актуелната состојба со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) во државата. Порачал дека со брза реакција на здравствените власти спречен е експоненцијален раст на заразени со болеста.
Министерството за здравство и сите здравствени иституции навремено и професионално одговорија и со набавка на соодветна терапија, која и покрај реткоста, за 24 часа стигна во нашата земја, посочил Меџити.
Комуникацијата и консултациите со Комисијата за заразни болести, ИЈЗ, Инфективната клиника ќе продолжат во наредниот период и доколку е потребно ќе бидат предложени соодветни мерки за подигнување на степенот на превенција на уште повисоко ниво.
Институтот за јавно здравје вчера информира дека во доцните вечерни часови на 12 август, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања телефонски бил известен за позитивен резултат на конго-кримска хеморагична треска од направените тестови на материјал добиен од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Ова е трет регистриран случај, откако минатиот месец беше откриен кај 27-годишната штипјанка која почина брзо по дијагностицирањето на вирусот.
На болничко лекување е болничарка од Инфективната клиника која прима антивирусна терапија и според последните податоци е во стабилна здравствена состојба.
Конго-кримската хеморагична треска се пренесува преку убод од заразен крлеж, а може да се пренесе и преку директен контакт со контаминирана крв. Болеста е смртоносна во 40 проценти од случаите и има брза прогресија.