Закажан протест во Тетово за пожарот во модуларната болница

од Nikola Popovski
422 прегледи

Денеска во Тетово, според информациите, ќе се одржи протест за правда и лоцирање на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово , во кој загинаа 14 лица. Најавите се дека протестот ќе се одржи во 12 часот, пред Основниот суд во Тетово. Одлуката следува по новите детали кои беа обелоденети во документарецот на ИРЛ.

За овој случај имаше и обвинение, како и пресуда. Обвинителот ги гонеше двајцата екс-директори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект. Но, не за причините за пожарот, туку бидејќи немало противпожарна заштита, а во објектот се дозволувал влез на роднини, што во време на пандемијата беше забрането.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.

Поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми беа прогласени за виновни за пожарот во тетовската модуларна болница. Според пресудата, Бесими и Етеми добија условна казна, додека докторот Бобан Вучевски е ослободен од обвинение, односно судот не пронајде вина кај него.

Осудените добија казна една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не повторат делото.

Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница ги отфрлаат наводите во емисијата на ИРЛ кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Оттаму велат дека со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација.

Слични содржини