Џафери ја прекина седницата, за уставните измени ќе се гласа во друга пригода

од Nikola Popovski
413 прегледи

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина денешната седница посветена на уставните измени и предложи изјаснувањето да се одржи во друга пригода.

Ова следува откако беше исцрпена расправата и зборуваа пријавените пратеници и координатори на пратенички групи.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски побара од Џафери да не ја затвора седницата, туку веднаш да ја стави на гласање потребата за уставните измени.

За да бидеме на нивото на денешната седница, во европски манири, ако има доволен број пратеници, гледам дека има, предлогот да го ставиме на гласање за да знаеме на што сме. Затоа тука сме да не не обвините дека блокираме, во сала сме. Ќе ни дозволите да се произнесеме, согласно нашите уверувања, во духот на демократијата и ќе ни дозволите да гласаме и да ги видиме резултатите од гласањето, кажа тој.

Последен збор зеде координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така, треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Досега Уставот е менуван осум пати, а последниот пат тоа се случи во 2019 година, кога со 81 глас “за”, ниту еден против и воздржан, македонското Собрание ги прогласи четирите уставни амандмани со кои се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа.

Слични содржини