Посакувам час поскоро да ги завршиме сите овие активности и Република Северна Македонија да продолжи напред на патот кон европските интеграции заради тоа што ако застанеме на овој пат, многу години чекање како што се чекаше досега има негативен ефект исклучиво врз граѓаните и врз државата, а не врз политичарите, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање при денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово
Порача дека е важно политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес, да не гледаат за политика која што ќе биде од денеска за утре, туку да гледаат визионерски, да гледаат напред, да гледаат после 20, после 30 години кога, како што кажа, сите ние би биле дел од европското семејство.
Прашан за коментар на ставот на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари дека со не носењето на уставните измени ќе се отвори пандорината кутија, рече дека за тоа треба да се праша токму Таравари.
-Мојот став е многу јасен. Значи, перцепциите не може да бидат поинакви од тоа што го посакува мнозинството на граѓаните на Македонија, а тоа е да се движиме силно напред кон европските вредности, потенцира Спасовски.