Час поскоро се потребни предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе го одберат решението како до членство во Европската унија, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во коментар на изјавата на американската амбасадорка во државава Анџела Агелер дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, Мицкоски рече дека „апсолутно се согласува со изјавата на амбасадорката“ и оти „граѓаните се суверен во оваа држава и треба на избори коишто би се случиле час поскоро да кажат – Да за ЕУ, но и да го одберат решението како до тоа Да во ЕУ“.
-ВМРО-ДПМНЕ има свое решение, го кажавме тоа јавно, СДСМ има свое решение, претпоставувам и други политички партии ќе излезат на тие избори со свое решение. Граѓаните на тие избори ќе го гласаат и ќе го кажат својот став час поскоро бидејќи секој ден повеќе значи ден изгубен повеќе за Македонија, изјави Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Велес.